Охридската Библиотека прогласена за "Библиотека на годината 2022"

Вчера на пригодна свеченост во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, претседателката на Библиотекарското здружение на Македонија,  д-р Јана Михајловска  на директорт на НУ Библиотека „Григор Прличев“ м-р Милчо Јованоски му ја  врачи наградата „Библиотека на годината за 2022“ во категоријата национални установи.

Во категоријата основни училишта наградата ја доби  Основното  училиште со ресурсен центар „Иднина“ – Скопје и библиотекарката Славица Тодорова; од категоријата средни училишта признанието го доби Средното училиште „Јосип Броз Тито“ – Битола и библиотекарот Драган Ристевски.
Д-р Наде Караџоска од Библиотеката „Борка Талески“  од  Прилеп е добитник на наградата ,,Климентова повелба за животно дело”. На сите им честитаме.



Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, со пригодна свеченост беше прославен патрониот и државен празник - Свети Климент Охридски и се одбележа 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски (2.3.1929 - 8.8.2022).

На свеченото одбележување  присуствуваше заменик министерот за култура г. Даим Лучи, како и претставници на дипломатскиот кор.

Поздравен говор до присутните имаше директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи. Проф. д-р Митко Панов имаше беседа за Св. Климент Охридски, потоа проф. д-р Минас Бакалчев  имаше реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а Бојана Муличкоска од име на семејството зборуваше за својот дедо проф. Петар Муличкоски.