Свети Климент Охридски - Патрон на Охрид

Денес Охрид го чествува својот Патрон - Свети Климент Охридски 

Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Живеел во втората половина на IX век и првата четвртина на X век. Со своите уши тој ги слушал нивните божествени евангелски зборови и со своите очи ги гледал нивните богоозарени ликови и евангелски дела.


Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина).
 
Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде живо учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони.

 По смртта на Методиј, неговите ученици биле изложени на големи измачувања и прогон. Дел од нив успеале да побегнат во Бугарија, која тогаш била силна држава. Но, таму тие не биле добро прифатени, па затоа дел од нив дошле во Македонија, во Охрид. Тука развиваат огромна просветителска работа, а особено се истакнуваат Климент и Наум Охридски кои во IX век ја основаат Охридската книжевна школа — првиот универзитет кој броел 3500 ученика.
 
Одлики на оваа школа се:
  –           доследно чување на делото на Кирил и Методиј;
  –           употреба на глаголицата;
  –           чување на јазикот на Кирил и Методиј;
  –           отпор против грчкиот јазик и елинизацијата на словенското население.
 
 
 Славата  на Св. Климент сѐ повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал на далеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Тогаш ги зголемил уште повеќе своите грижи и трудови за доброто и душевното спасение на своите духовни чеда. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел.
 
Се трудел педесет години во извршувањето на Божјото дело и вршел чуда и за време на земниот живот. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокоил мирно во Охрид, на 9 август 916 година. Господ го прославил со светителски ореол. Неговите земни остатоци станале чудотворни мошти, од кои по Божја благодат се лекуваат низ векови многу телесно и душевно болни кои пристапуваат со вера и љубов. Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ - Плаошник во Охрид.
 
Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, на Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја. На него се посветени и голем број новоизградени цркви и манастири во европските и прекуокеански земји.

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско проветителски, Свети Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за свети Кирил и Методиј итн. Но, во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: Св.Ѓорѓи, Св.Тома, Св.Антониј, потоа слова посветени на Пресвета Богородица и слова посветени за настаните од животот на Господ Исус Христос.