Промовирана стихозбирката "Позајмениот куфер" од Наум Трајчески

 Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид во присуство на бројна публика беше промовирана стихозбирката „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески,  роднокраен  автор и почесен член на охридската библиотека.
 
Во својот осврт Билјана Петрова од Австралија кој пред присутните го прочита Христина Трпеска, вели: 
 
-Како долгогодишен претставник на македонската дијаспора во Австралија, поетот Наум Трајчески со целото свое битие и делување се стреми да остави трага на овој далечен континент за идните поколенија. Оваа света задача за зачувување на македонската литературната традиција и идентитет, ја остварува преку своето вредно и плодно поетско творештво, како и преку осмислувањето на многуте активности на Литературното друштво Ванчо Николески од Квинбијан, Австралија, како негов основач и идеен раководител. Личниот печат во поезијата на Наум Трајчески се одликува со лирика во која доминира љубовта и креативниот сензибилитет кон се што го опкружува. Тоа е поезија со многу емотивен израз на доживеаното и поради тоа ние читателите ја чувствуваме како блиска. Неговите песни се со смирен и одмерен тон, особено кога ги воспева убавите нешта, за љубовта, но и кога пее за осаменоста, напиша Петрова.
 
 
Според промоторот м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката, Наум Трајчески е автор чија мисла е јасна, отворена и во речиси сите песни постои приказна од која ретко кој ќе остане рамнодушен и ако е помек на срцето може да пророни и по некоја солза.  Кај Трајчески секој збор е на место. Тој е поет од народот и за народот. Едноставен, ненаметлив а силен.
 
Ако некој ми рече, вели Јованоски,  одбери која е најубавата од песните на Наум  од стихозбирката – тешко ќе ми е да се одлучам. Читајќи ги се насладував од нивната свежина, од зборовите кои во исто време се големи и тешки  како карпа ама и ти даваат сила да препливаш океани. Во исто време да љубиш, да плачеш и да се смееш. „Позајмениот куфер“ не е наслов на ниту една од 63 песни поделени во четири циклуси. Тој е „скриен“ во една од нив и чекаше да биде пронајден како вечен синоним за мнозината нашинци Македонци кои го напуштале родното место токму со позајмен куфер, стуткани доживувања и сништа од минатото со желба дека барем таму, во туѓина животот ќе им биде подруг, рече Јованоски.   
 
Наум Трајчески е роден во село Издеглавје, Охридско во 1952 година. Од 1977 година живее во Австралија. Основач е на Македонското литературно друштво ,,Ванчо Николески“ од Квинбијан Нов Јужен Велс, каде неуморно работи на промовирањето на македонскиот пишан збор преку одржувањето на библиотека, организирање на поетски манифестации, како и годишен конкурс за најдобри македонски поетски и прозни творби за деца и возрасни во Австралија.
 
Покрај авторот Трајчески свои искажувања за дружбите и соработката со него на промоцијата кажаа неколкумина присутни. Наум им се заблагодари на сите кои беа на промоцијата, а посебно на неговата животна сопатничка и муза Дана.  На настанот беше и Јовица Ѓоргоски, секретар на Литературното друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан а библиотеката на обајцата во знак на почит и сеќавање на промоцијата и нивната голема заслуга за афирмација на македонската реч на петтиот континет – Австралија им додели посебни благодарници.
 
Стихови од шестата стихозбирка на Трајчески „Позајмениот куфер“ читаше Бети Лазеска – Симоноска.